За сонот „МУНДИЈАЛ“ да стане јаве, Казахстан вечерва мора да падне!

Македонија на Мундијал! Колку тоа звучи добро и гордо. Оваа генерација на фудбалски репрезентативци може да ја испише таа историја. Уште две скалила до целта се овие фудбалери и овие лица од стручниот штаб на чело со Благоја Милевски, кој ја продолжува бајката да прави чуда. Пред четири години застанавме на последното скалило до настап на Светското првенство, тогаш нашиот сон го урна селекцијата на Португалија, а сега имаме шанси да бидеме дури и први во групата и директен пласман во САД, Мексико и Канада идната година. Ако не, шансата ќе ја бараме преку бараж, дали во квалификациите или во Лигата на нации, ќе покажат овие два последни натпревари.

Следен на менито на Македонија е Казахстан. Селекција која што веќе нема шанси за ништо во нашата група, но се бори за рејтинг, за повеќе бодови. Македонската селекција славеше на нејзин терен во Астана, многу тешко, минимално со 1-0 со голот тогаш на Аце Трајковски. За да останеме на патот кон Мундијалот, Казахсатан вечерва мора да падне. Да се слави триумф над Казахстан, а потоа и да се бараат бод(ови) на последното гостување во Велс.

Репрезентативците, пак, после ремито со Белгија на гостински терен, на најтешкото гостување во овие квалификации, сега се желни за три бода. Желни се за голови, откако со Белгија немавме никакви шанси да постигнеме, ама добро е што барем успеавме да се одбраниме од налетите. Одбраната беше перфектна, на висината на задачата, а сега за Казахстан ни е потребна иста таква одбрана, но сега со далеку подобра организација и во напад за да постигнеме гол(ови) и да дојдеме до трите бода.

Селекторот Благоја Милевски на вчерашната прес-конференција рече дека секој следен натпревар за Македонија ќе биде најважен, па така и овој со Казахастан.

„Се доведовме во таква ситуација секој следен меч да ни биде уште поважен, така сега во моментов Казахстан ни е најважен натпревар. Се согласувам дека ќе биде тешко. На првиот меч ривалот покажа дека е квалитена селекција. Ќе ни биде тешко за анализа од аспект што имаат нов селектор, но подготвени сме да одговориме на секој предизвик и се надевам дека сите ќе бидеме подготвени да одговориме и на овој. Момците секогаш, барем до сега, останваат се на страна, и замор и сето она што може да ги поремети, и даваат се од себе кога играат за Македонија. Очекувам така да биде и сега“, изјави Милевски.

Голманот Столе Димитриевски очекува овојпат дека Македонија ќе напаѓа, и дека ќе биде на нивото да дојде до победата. Чуварот на мрежата на Македонија ја истакна и потребата од поддршка.

„Важен меч ќе биде овој, очекувам да дојде голем број на публика за да ни даде доста голема поддршка и да го добиеме овој натпревар. На секој меч очекувам ние да напаѓаме и да се браниме. Дефинитивно Белгија е поквалитетен противник од Казахстан. Во Казахстан беше доста интересна затоа што двете селекции напаѓавме, и очекувам да бидеме доминантни во тој натпревар и да извлечеме поволен резултат, а поволен резултат за нас е победа“, рече чуварот на мрежата на Македонија.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026 ГОДИНА, ГРУПА Ј
ДЕНЕСКА (20:45 Ч.)
Скопје: МАКЕДОНИЈА – КАЗАХСТАН
Кардиф: ВЕЛС – БЕЛГИЈА

Се вчитува...