Забалета си оди од Манчестер сити, но останува во Премиер-лигата

Пабло Забалета е првиот од бројните првотимци на Манчестер сити што летово ќе го напушти овој клуб откако „граѓаните“ на својата официјална веб-страница потврдија дека нема да му биде понуден нов договор на аргентинскиот дефанзивец.

Пабло Забалета на крајот од сезонава ќе си замине од нашиот клуб. Неговиот договор истекува летово и тој веќе го информираше клубот дека заминува кон нови предизвици во кариерата, но со себе ќе носи прекрасни спомени од времето минато во Манчестер сити. Во моментов се разгледуваат ситуациите со договорите на голем број на првотимци, но Пабло Забалета е првиот за кого е донесена дефинитивна одлука“ – се вели во соопштението на Манчестер сити.

Англиските медиуми обелоденуваат дека искусниот Аргентинец останува во Премиер-лигата, откако веќе постигнал договор со Вест хем. „Чеканите“ му понудиле двогодишен договор на Забалета, условите биле прифатени, а трансферот ќе се официјализира веднаш по завршувањето на оваа сезона. Славен Билиќ планира да го засили Вест хем со неколку искусни фудбалери, па по успешните преговори со Забалета хрватскиот стратег сега вниманието ќе го насочи кон Џермејн Дефо, кој е слободен играч по истекот на неговиот договор со Сандерленд.

Се вчитува...