Срѓан Захариевски е новиот тренер на битолскиот прволигаш Пелистер. Од денеска и официјално ќе ја почне својата работа во клубот наследувајќи го Наџи Шенсои на позицијата шеф на стручен штаб. Се надева дека и следната сезона Пелистер ќе игра на европската сцена.
„Постигнав договор со раководството на Пелистер и во моментов патувам кон Битола, за да ја преземам тренерската функција. Пелистер е клуб со голема традиција, но и со големи амбиции за претстојната сезона, и токму тоа беше мојот мотив за да ја прифатам понудата да седнам на клупата на „зелените“. Се надевам дека ќе бидеме успешни и дека и следната сезона клубот ќе избори пласман на европска сцена. Го познавам релативно добро составот на Пелистер, ги следев нивните игри на неколку меча минатата сезона во Скопје, а исто така и мечевите против Лех Познањ во европските купови. Сепак, сигурно дека во наредниот период ќе ги запознам одблиску сите фудбалери многу подобро, па потоа ќе решам и околу можни нови засилувања. Периодот за трансфери е се уште отворен, и сигурно дека ќе се размислува и на овој план, заедно со клупското раководство“, вели за ЕКИПА, Срѓан Захариевски.
Наџи Шенсои, тренерот со кој Пелистер го освои Купот на Македонија изминатата сезона, си замина од Битола по двата убедливи порази од Лех Познањ, во квалификациите за Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА