Захариевски: Почнуваме од нула, но Струга ТЛ има моќ за елиминација на Лиепаја

Тренерот на Струга Трим Лум, Срѓан Захариевски верува дека неговиот тим ќе ја мине летонската Лиепаја на стартот од новата УЕФА Конференциска лига.

Стружани имаат активни 1-1 од првиот меч во Летонија, па и покрај тоа што ништо не е завршено веруваат дека имаат шанси за пласман понатаму на европската сцена.

„Мислам дека резултатот од првиот меч е сосема реален. Сепак, треба да се знае дека ФК Лиепаја е многу квалитетен тим, па можам да кажам дека оние кои ќе присуствуваат на утрешниот натпревар, ќе имаат можност и самите да се уверат во она што го зборувам. Но, според играта што ја прикажавме таму, особено во второто полувреме, како и активниот резултат што го имаме, мислам дека ќе го поминеме овој противник. Почнуваме од нула. Нема да брзаме, ќе ги чекаме нашите шанси, бидејќи секоја грешка на вакви натпревари може да не чини елиминација“ – истакна Срѓан Захариевски на прес-конференцијата пред утрешниот меч.

Слично е размислувањето и на фудбалерот од средниот ред Бесмир Бојку.

„Јасно ни е дека ќе се соочиме со многу квалитетен тим, многу добро организиран тим. Мислам дека шансите на овој натпревар се 50-50, иако пред првиот меч малкумина ни даваа шанси за добар резултат. Сепак на терен сè е поинаку. Ќе ни биде тешко, сите го знаеме ова, меѓутоа оптимист сум дека на крајот ние ќе бидеме тие што ќе слават. Можам да кажам дека сите сме оптимисти, од нас фудбалерите, вработените до раководството, па мислам дека утре ќе прославиме“ – вели Бојку.

Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и ФК Лиепаја се игра утре на стадионот на ФФМ со почеток од 17 часот.

Се вчитува...