Заврши времето кога Германците секогаш победуваа, чао за шампионот, среќа и за Шведска и за Мексико

Светскиот шампион е на колена, се враќа дома по првата фаза од Мундијалот. Ниту Германците веќе не победуваат секогаш во фудбалот, ова е ново време. Селекцијата на Јоаким Лев се извлече со триумф во 95.минута и погодок на Тони Крос против Шведска во второто коло, но денеска загуби од Јужна Кореја (0-2).

Со тоа „панцирите“ ги пакуваат куферите и си заминуваат дома. Ким Јонг – Гвон и Хјонг Мин Сон ја казнија во финишот слабата реализација на Германците, промашените шанси на Брант, Гомез, Милер, Хумелс, и останатите избраници на Јоаким Лев, па светскиот првак завршува како последнопласирана селекција во групата.

 

Тоа е среќа за Мексико, затоа што и покрај поразот од Шведска (0-3) се пласира во осминафиналето. Швеѓаните одиграа маестрален меч, посебно во второто полувреме. Аугустинсон во 50.минута го отвори резултатот, Гранквист од пенал беше стрелец на вториот гол, а третиот беше автогол на мексиканскиот играч Алварез.

Шведска е првопласирана во групата Ф, Мексико го освои второто место, Јужна Кореја заврши трета, а светскиот првак Германија на дното.

Се вчитува...