„Збогум“ од Ана, Коби и Клосе во 2016

Ја испративме 2016, беше олимписка година, но ќе остане запаметена и како година во која неколку врвни спортисти ги завршија своите кариери. Тенисот, кошарката и фудбалот останаа без маркантни фигури, кои одлучија да кажат „збогум“, затоа што нивното тело веќе не можеше да го издржи предизвикот да се бори со огромните напори.

КОБИ БРАЈАНТ

kobi brajant zbogum

„Црната мамба“ беше еден од најдобрите кошаркари на сите времиња. Но, годините го сторија своето, и Коби Брајант одлучи да стави крај на својата фантастична кариера во НБА – лигата на 13.април 2016 година. И, секако, си замина во голем стил. Со постигнати 60 поени на мечот против Јута џез (најмногу во таа сезона на еден кошаркар), откако во последната четвртина и самиот го победи тимот на Јута со 23-21, кога се поените во прашање. Неговиот ЛА лејкерс го совлада противникот со 101-96.

МИРОСЛАВ КЛОСЕ

miroslav klose zbogum

Долгогодишниот германски репрезентативец и мајстор за постигнување голови на светските првенства, дефинитивно ја заврши својата богата фудбалска кариера на 1.ноември 2016 година, кога објави дека се повлекува и почнува со тренерскиот занает. Веднаш се приклучи како помошник во стручниот штаб на Јоаким Лев, селекторот на германскиот национален тим. Клосе, секако, ќе има што да им каже на помладите опд себе, како тоа се постигнуваат погодоци на најважните мечеви.

Играше за Кајзерслаутерн, Вердер Бремен, Баерн Минхен, а кариерата ја заврши како член на калчолигашот Лацио, каде ги мина последните пет сезони, од 2011 до 2016 година. Последниот гол го постигна на 15.мај, во последното коло од сезоната 2015/16, во поразот од 2-4 против Фиорентина на домашен терен. Тоа беше и негов последен меч во кариерата. Со 64 гола постигнати за Лацио, тој го израмни рекордот на Горан Пандев, како најефикасни странци во историјата на клубот.

АНА ИВАНОВИЌ

ana ivanovic

Тенисот веќе никогаш нема да биде толку прекрасен, затоа што српската убавица Ана Ивановиќ во последните денови од декември одлучи да стави крај на својата тениска кариера. Откако се омажи за германскиот фудбалер Бастијан Швајнштајгер, таа сега има некои други приоритети во животот, но и призна дека нејзиното тело како 29-годишна веќе не ја слуша како некогаш, кога е во прашање тениската игра. Се појавија шпекулации и дека можеби е бремена, со засега нема официјални информации за тоа.

Ивановиќ во 2008 година беше прворангирана тенисерка на ВТА – листата, а истата година успеа да го освои и Ролан Гарос. Во кариерата успеа да освои 14 турнири.

Се вчитува...