Жанг горд: Интер сега е клуб со победнички менталитет

Првиот човек на Интер, сопственикот Стивен Жанг не ја криеше гордоста по одличното издание во куп-финалето и триумфот од 2-1 над Фиорентина. „Нероаѕурите“ ги одбранија пехарите во Купот на Италија и Суперкупот на Италија од ланската сезона, покажувајќи карактер и враќајќи се од негатива на синоќешниот финален меч.

Жанг сега има пет трофеи како претседател на „нероаѕурите“, едно скудето и по два пехари во Купот на Италија и во Суперкупот на Италија, што го прави трет најуспешен претседател во историјата на клубот, зад Масимо Морати и Анџело Морати.

„Не постојат зборови за да опишам колку сум горд на сите во Интер, на играчите и на стручниот штаб. Сите видовте дека Интер сега е клуб со победнички менталитет, тоа ни овозможува да освоиме толку пехари, да играме толку многу финалиња. Сега пред нас е финалето на ЛШ против Манчестер Сити. Да бидеме искрени, во овие седум години никој од нас воопшто не сонуваше за пехарот во Лигата на Шампионите. Ќе одиме, ќе се бориме и дефинитивно нема да се предадеме“, истакна претседателот на Интер, препуштајќи му ја фаворитската улога на противникот.

Се вчитува...