Жардим ќе го менува Венгер во Арсенал?

Тренерот на Монако, Леонардо Жардим, е нов кандидат за жешкото столче на Арсенал. Раководството на Арсенал и натаму нема донесено конечна одлука околу иднината на Арсен Венгер, a Жардим воодушевува со неговиот Монако во текот на целата сезона. Венгер допрва треба да потпише договор со „топчиите“, бидејќи стратегот стака да остане и да ги исправи работите, но се чека крајот на сезоната за раководството да донесе било каква одлука.

Леонардо Жардим сезонава ги крена „кнезовите“ до самиот врв. На две кола до крајот оваа екипа се наоѓа на првото место во француската лига, има предност од три бода пред второпласираниот ПСЖ и еден натпревар помалку, па доволна им е само една победа во последните три кола за да стигнат до титулата.

Монако се надмина и во Лигата на шампиони. Со победите над Дортмунд тимот на Монако се најде во полуфиналето против Јувентус, каде по првата средба на „Луј втори“ имаат негатива од 2-0, но преостанува утрешниот дуел во Торино, каде и покрај цврстиот домаќин, има простор за уште едно фудбалско чудо.

Атрактивниот, напаѓачки стил на игра е токму она што ги привлече челниците на Арсенал да се распрашуваат за Жардим. 98 гола на 35 меча во домашното првенство се потврда дека Монако игра убав, отворен фудбал. Покрај Жардим неколку млади фудбалери прераснаа во ѕвезди сезонава. Најзвучен е Килијан Мбапе, 18-годишната француска сензација кој ја освои Европа годинава. Покрај него фантастична сезона пред себе имаат и Бакајоко, Бернардо Силва, Фабињо, Лемар, па дури и Фалкао ја врати претпознатливата форма, досега постигна 19 погодоци во лигата.

Се вчитува...