Женската лига со девет клуба, без Вардар јуниор

Ракометната супер-лига во женска конкуренција ќе биде составена од девет екипи, откако Вардар јуниор се откажа настапот во елитното друштво, беше обелоденето на денешната конференција на клубови што се одржа во Ракометната Федерација на Македонија.

„Црвено-црните“ во претходните години беа застапени со два клуба, првиот кој беше вистински дрим-тим, и вториот „јуниор“, во кој шанса добиваа македонските ракометарки. Во ситуација кога ЖРК Вардар како моќен проект се распадна, а клубот во иднина се насочи кон младите сили, јасно е дека нема потреба од две екипи во суперлигашка конкуренција.

Шампионатот ќе почна на 8 септември, а нови екипи во Супер-лигата се Цемс и Спартак. Според ждребот, во првото коло силите ќе ги одмерат: Вардар – Куманово, Деспина – О. Поле, ЦЕМС – Пелистер, Гевгелија – Спартак. Слободен е тимот на Металург.

Се вчитува...