Жижовиќ: Дерби без многу квалитет, но за нас е најважна исполнетата цел!

Шкупи се издвои осамен на лидерската позиција на табелата во Првата македонска фудбалска лига по победата над Вардар од 2-0 во 13. коло.

Дефинитивно огромни заслуги за тоа одат на сметката на тренерот Младен Жижовиќ кој по преземањето на тимот, на десет официјални натпревари има извонреден ефект од девет победи и само едно реми.

Но, Жижовиќ и денеска по мечот со Вардар како единствени „виновници“ за победата ги издвои фудбалерите за кои вели дека се единствено најзаслужните за успешната резултатска низа.

„Имавме, во секој случај, еден вид дерби кое не даде многу квалитетна игра, но ние го добивме тоа што го посакувавме, победа без примен гол. Гостите се покажаа како силен тим, беа поодморени од нас по последниот меч но ние ја исполнивме целта. Ова е многу важна победа за нас, бидејќи продолжуваме по патот кон успехот. Веќе во среда не очекува следниот натпревар против Работнички во Купот и ќе видиме колку ќе биде свеж тимот за новиот предизвик. Не чека тежок терен поради тоа што таму не можете да покажете квалитетна игра, затоа е важно добро да се одмориме“ – вели Жижовиќ за официјалната страница на клубот, со силни честитки за фудбалерите.

„Навистина сакам да им честитам на фудбалерите кои веројатно даваат и повеќе од своите можности. Тоа што го направија овие два месеци, не знам дали има некој друг тим во регионот кој има такви достигнувања. Посакувам само среќа и да продолжиме понатаму на ист начин“ – дополни Жижовиќ.

Се вчитува...