Зидан има два услови во преговорите со Челси

Зинедин Зидан е подготвен да седне на маса и да разговара за соработка со Челси, но само доколку управата на лондонскиот премиерлигаш му осигура два клучни услови. Маурицио Сари се наоѓа пред отказ во Челси, а Роман Абрамович го сака токму Зидан за негов наследник, но рускиот милијардер ќе мора да ги задоволи барањата на Французинот ако сака да го донесе трикратниот европски првак на „Стемфорд бриџ“.

Првото нешто што го бара Зидан е да се обезбеди останувањето на Еден Азар. Белгиецот во претходните две години беше желба на Зизу во Реал и тој е решен доколку дојде во Челси, Азар да биде негов лидер во екипата. Проблем е што овој фудбалер никогаш не бил поблиску до заминување од „Стемфорд бриџ“, но евентуалниот договор со Зидан би можел да го натера Азар да се премисли и да потпише нов договор со „сините“.

Покрај останувањето на Азар, Зидан бара и 200 милиони фунти како буџет за носење на фудбалери по свој вкус. На трофејниот стратег му е јасно дека со овој тим на Челси нема да може да се носи со ривалите во борбата за титулата, па затоа бара значителен буџет за засилувања, но и одлучувачка моќ во трансферите, нешто за што задолжена во моментов е директорката на клубот, Марина Гранковскаја.

Нема што, барањата воопшто не се мали, но кога се сака Зидан на клупата, треба и да се плати. На потег е Роман Абрамович…

Се вчитува...