Зидан може да здивне – Рамос е „фит“ за Ел Класико

Серхио Рамос не е посериозно повреден и ќе може да настапи за Реал Мадрид на големото дерби против Барселона што е на програмата наредниот викенд. Капитенот на „кралевите“ мораше да биде заменет на полувремето од саботниот пораз од Кадиз, а откако вториот дел го следеше од трибините со мраз на коленото веднаш почнаа стравувањата дека Зидан ќе мора извесно време да се снаоѓа без својот „командант“ на теренот.

Сепак, деталните прегледи донесоа добра вест, Рамос нема посериозен проблем со коленото, по што шпанскиот репрезентативец добил зелено светло да почне со тренинзи. Тој го одработел утринскиот тренинг без никакви проблеми, по што се очекува да биде во тимот и за премиерниот дуел од Лигата на Шампионите против Шахтјор.

„Настапот на Рамос на Ел Класико не е доведен во прашање, единствената дилема е дали Зидан да ризикува и да го вклучи во тимот против Шахтјор. Најважно од се сепак е што Серхио не е посериозно повреден“, информираат шпанските медиуми.

 

Се вчитува...