Зидан: Не поднесувам оставка

Кризата во Реал Мадрид уште повеќе се продлабочи откако „кралевите“ загубија со 2-0 од Шахтјор, па сега се соочуваат со сериозна опасност да не се пласираат во следната рунда од Лигата на Шампионите.

Дел од фановите веќе се свртеа против Зинедин Зидан, но францускиот стратег јасно стави до знаење дека нема намера да си поднесе оставка од тренерската функција.

„Нема да си поднесам оставка, тоа е сигурно. Да не заборавиме, игравме добро прво полувреме и многу работи ќе беа поинакви ако тогаш постигневме барем еден гол. Нивниот погодок болеше бидејќи ние бевме тимот што доминираше. Како и да е, не размислувам за оставка, низ кариерата сум имал бројни тешки моменти и секогаш сум успевал да ги пребродам. Чувствувам дека имам сила да ја надминам и оваа кризна ситуација“, порача Зидан по најновиот неуспех.

Шахтјор моментно е второпласиран во групата со седум бода, исто толку има и Реал, но доколку двата тима завршат со ист број бодови Украинците имаат предност поради подобриот меѓусебен скор и двете победи над „кралевите“.

Се вчитува...