Зидан: Сакам да останам вечно во Реал Мадрид, но секој тренер зависи од резултатите

Реал Мадрид има само еден бод по две кола во Лигата на шампионите, а утре ќе се сретне со Галатасарај во натпревар што може и да ја предодреди натамошната судбина на тренерот Зинедин Зидан. „Кралскиот клуб“ загуби од Мајорка изминатиов викенд во Ла Лига, а Зидан чуваше дел од фудбалерите и за пресметката против Галатасарај во елитното европско клупско натпреварување.

Французинот вели дека сака да остане на „Сантијаго Бернабеу“ многу долго, но се ќе зависи од резултатите. Впрочем, не е тоа негова одлука, туку на раководството на клубот и првиот човек Флорентино Перез.

„Тоа што го имаме направено во минатото во фудбалот не се признава. Само сегашноста е мерило. Ако мене ме прашувате, јас сакам да останам вечно на клупата на Реал Мадрид, но секој тренер зависи од резултатите. Но, размислувам позитивно, и јас и сите фудбалери, се подготвуваме за важниот натпревар со Галатасарај. Притисок во Реал Мадрид секогаш има, затоа што се бараат единствено само победи, и тоа на секој нареден меч. Сигурен сум дека ќе одиграме добро и верувам во триумф“, изјави Зинедин Зидан на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот дуел во Истанбул.

Реал Мадрид на ова гостување ќе биде без Герет Бејл и без Лука Модриќ, двајца важни првотимци кои не успеаја да се опорават од повредите.

Се вчитува...