ЗОИ ХОКЕЈ: Американките први полуфиналистки, на машкиот турнир втора победа за Русија

Репрезентацијата на Соединетите Американски Држави е првиот патник во полуфиналето на женскиот хокеарски турнир на Зимските олимписки игри во Пекинг.

Американките во првото четвртфинале потешко од очекуваното славеа над Чешка со 4-1. Иако беа големи фаворитки Американките се мачеа две третини од мечот и никако не можеа да го начнат голот на чешката голманка Песларова која по 40 минути имаше неверојатни 30 одбрани.

Токму Чешка изненадувачки стигна до водство со голот на Пејзова во 25. минута. На среќа на Американките само две минути подоцна успеаја да израмнат на 1-1 преку Кнајт, резултат што беше активен по 40 минути игра.

Во последниот период чешките хокеарки веќе немаа сила и до израз дојде квалитетот на Американките кои со три гола во последните 20 минути (Стеклејн, Хармон и Којни-Скофилд) стигнаа до триумф од 4-1.

Во утринската програма беше одигран еден натпревар и на машкиот турнир. Русија стигна до вториот триумф откако славеше со 2-0 над Данска.

Се вчитува...