Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, гостин едно од најголемите имиња во македонската фудбалска историја, Бобан Бабунски.
Поранешниот македонски репрезентативец, но потоа и селектор на сениорската и младата репрезентација на Македонија, се присети и на одлуката на ФК Вардар и тогашниот тренер Андон Дончевски да не му дозволат да патува за Чиле на Светското првенство 1987 со младата репрезентација на Југославија која стана потоа светски шампион.
На Бабунски му беше неоправдано скратена можноста да биде светски шампион. Иако веќе стандарден член на репрезентацијата до 21 година, постојан првотимец во генерацијата на Мијатовиќ, Шукер, Бобан, Просинечки, Јарни…, и со извадена виза и авионски билет за пат во Чиле, во последен момент на предлог на тренерот Дончевски, ФК Вардар носи одлука дека Бабунски е неопходен на клубот и нема да патува на Светското првенство во Чиле.
Југославија потоа доаѓа до светската шампионска титула, а на Бобан Бабунски му е скратен еден мундијалски сон и титула…
„Не се лутам никому, едноставно во тоа време се почитуваше авторитетот и хиерархијата во клубот, а јас како млад фудбалер едноставно морав да ја почитувам одлуката на клубот. Тренерот предложил а клубот донесе одлука да не ме пушти, иако со извадена виза и авионски билет и подготвен за пат кон Чиле. Да, постои малку разочараност што ете не ја почувствував таа мундијалска атмосфера и светската титула, но сето тоа го разбирам како една лекција за сите нас, добро искуство за еден млад фудбалер. Сепак, тоа не ме обзеде со горчина, затоа што премногу го сакав фудбалот и не дозволував никаква неправда да ме запре на тој пат“ – вели Бабунски.
ЦЕЛИОТ ОДГОВОР НА ОВАА ТЕМА ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА…
ЦЕЛАТА ЕПИЗОДА НА СПОРТСКИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ЈА ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
