Зуаби: Правевме глупави грешки, затоа загубивме

На изминатите неколку меѓусебни средби, репрезентацијата на Тунис го имаше рецептот за победа против Македонија. Денес, рецептот се покажа како неуспешен, а Тунижаните изгореа на ’плус четири’ на првиот натпревар од Светското првенство.

Нафед Зуаби, селекторот на репрезентацијата на Тунис е разочаран од пристапот кон играта на своите избраници потенцирајќи дека почетничките грешки ги чинеа победа.

„Од почетокот знаевме дека ќе биде многу тешко. Во овие две години три пати се сретнавме со Македонија и знаевме каков предизвик е пред нас. Секако дека сум разочаран поради ваквиот резултат, особено бидејќи имавме водство во голем дел од средбата. Резултатот можеби ќе беше поинаков доколку во одреден момент бевме посконцентрирани, пофокусирани да играме во одбраната и да не правевме глупави грешки во одбраната, да добиваме почетнички исклучувања. Не смее да се игра на вакво почетничко ниво натпревар од Светското првенство“ – изјави селекторот Нафед Зуаби.Најдобриот стрелец на Тунис, Усама Буганми, изрази жалење поради големиот пад во концентрацијата на неговата репрезентација во финишот од натпреварот.„Честитки на составот на Македонија за заслужената победа. Самите сме си виновни за тоа поради почетничките грешки што ги правевме. Сега искрено жалиме, знаеме дека мечот го загубивме поради сопствена вина. Знаеме дека имаме квалитет и потенцијал, но Македонија одигра поколективно и со таков пристап стигна до победата. Не ни останува ништо друго освен да ја проследиме снимката, да ги увидиме грешките и да ги отстраниме за следните натпревари. Верувам во нас, дека можеме да стигнеме до следната фаза од овој светски шампионат“ – истакна Усама Буганми.

Се вчитува...