„Ѕвезда“ до „ѕвезда“: Српскиот дрим-тим од кој стравуваат и Американците

Никола Јокиќ конечно рече „ДА“ за настап во дресот на Србија на едно големо натпреварување, а неговиот пример неколку часа подоцна го следеше и Бобан Марјановиќ. Нема никакви дилеми, селекторот Александар Ѓорѓевиќ ќе биде на слатки маки при изборот на патниците за СП во Кина, но и потоа за тоа кој колку да игра за време на мундијалските натпревари.

Затоа што Србите создадоа фантастичен дрим-тим, за кој со право се верува дека може да ги симне од тронот Американците. Првата петорка се очекува да ја сочинуваат Теодосиќ на плејмејкер, Богдановиќ на „двојка“, Калиниќ како крило и НБА-асовите Бјелица и Јокиќ за борба под обрачите. По потреба Јокиќ може извонредно да игра и на „четворка“, со што на центар Ѓорѓевиќ може да бира меѓу Марјановиќ, Милутинов и Радуљица. На плејмејкер резерва на Теодосиќ му е Мициќ, кој имаше извонредна сезона во Ефес, а дополнителни опции се Недовиќ, Гудуриќ, Јовиќ, Лучиќ…

Американците најавија дека ќе допатуваат без дел од своите најдобри играчи, а нема дилеми дека во една таква ситуација – Србија во комплетен состав може да му парира на американскиот дрим-тим во битката за златото во Кина.

Кошаркарскиот Мундијал ќе се одржи од 31 август до 15 септември. Србија е дел од групата Д заедно со селекциите на Италија, Ангола и Филипини.

Се вчитува...