Алонсо со ултиматум за Мекларен: Ако не победиме, си одам!

Двојниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, му постави ултиматум на Мекларен и најави дека ќе остане во тимот само ако остварат победа во наредните неколку месеци. За 35-годишниот Шпанец ова е една од најтешките сезони во кариерата поради очајниот болид на Мекларен и моторите на Хонда кои се расипуваат од трка во трка.

Во првите шест трки од годинашниот Ф1 шампионат, британскиот тим нема освоено ниеден бод во конкуренција на конструктори, а Алонсо само еднаш успеа да стигне до целта.

Пред трката за ГН на Канада што се вози викендов во Монтреал, Алонсо одново ја отвори дилемата за својата иднина во Мекларен. На прашањето што треба да се случи за да го породолжи договорот со британскиот тим, Шпанецот имаше едноставен одговор:

Треба да победиме. Ако се случи тоа до септември, тогаш ќе останам. Човек никогаш не знае. Не можам со сигурност да кажам што ќе решам за понатаму. Сакам да победувам. Се вклучив во овој проект затоа што сакам да бидам шампион, а се најдов во потполно друга ситуација. Факт е дека во изминативе три години ние сме во иста ситуација и затоа некои работи мора да се сменат, како за мене така и за тимот. Ако не гледам дека работите се менуваат, тогаш јас ќе го сменам проектот. Засега можам да го кажам само тоа. Отворен сум за се“ – вели Фернандо Алонсо.

Вчерашниот прв тренинг донесе нови проблеми за Шпанецот откако мораше предвреме да го „паркира“ својот болид поради проблеми со хидруликата, па јасно е дека Алонсо е многу поблизу до заминување од Мекларен, отколку до победување со овој Ф-1 тим.

Се вчитува...