ДеРозан незапирлив, со 52 поени го нокаутираше Милвоки

Демар ДеРозан одигра фантастичен натпревар за Торонто, предводејќи ги „рептилите“ до триумф по продолжение над Милвоки бакс од 131-127. ДеРозан беше незапирлив за гостинските кошаркари и го заврши мечот со 52 поени, рекордни за него во кариерата, надополнети со осум асистенции. За Торонто ова беше дури 12. домашна победа во серија, а ДеРозан воедно и стана само трет играч во историјата на овој клуб што ја надминал границата од 50 поени на еден меч, откако Винс Картер и Теренс Рос броеја до 51.

Кај Милвоки најефикасни беа Бледсо со 29 и Антетокумпо со 26, сепак премалку за да се запре серијата на канадскиот клуб на домашен терен.

Портланд триумфираше во Чикаго со 120-124, прекинувајќи ја серијата од седум домашни победи на „биковите“. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Портланд настапи без Лилард, а во главна улога беше Меколум со 32 поени и осум асистенции.

Резултати НБА:

Бруклин – Орландо 98-95, Торонто – Милвоки 131-127 (по прод.), Чикаго – Портланд 120-124, Минесота – ЛА лејкерс 114-96.

Се вчитува...