Горан Пандев: Горди сме што Академија Пандев за кратко време стигна до елитата!

Новиот македонски прволигаш Академија Пандев денеска на прес-конференција во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, промовирајќи ја својата нова опрема и лого на клубот, ги презентираше амбициите за деби сезоната во елитното друштво во Македонија.

Сопственикот на клубот, најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев не го криеше задоволството од одличните успеси на Академија Пандев која за кратко време од своето формирање стигна до Првата лига.

„За нас претставуава голем успех што по кратко постоење успеавме да се пласираме во Првата лига. Несебичниот труд на тренерите кои напорно работеа со децата, јасно е дека ја донесе посакуваната цел. Нашиот првичен план беше да им овозможиме на младите да ги остварат своите соништа. Но, со текот на време нашите идеи се сменија, започнавме да одговараме на нови предизвици, и ете стигнавме до Првата лига. Се надевам дека ќе формираме клуб кој ќе остане во елитата долги години“ – рече на средбата со медиумите Пандев дополнувајќи дека веќе е формиран соодветен буџет за успешно натпреварувањето во елитната конкуренција.

Академија Пандев ја промовираше и новата спортска опрема под која ќе настапува во следната сезона, како и новото лого на клубот.

Се вчитува...