Кари не дозволи ново фијаско на Голден стејт

Кога Голден стејт ќе загуби два меча во низа, а згора на тоа ќе остане и без Кевин Дурант, тоа е знак за криза во редовите на актуелниот вицешампион. Стеф Кари беше тука за да се погрижи кризата да не се продлабочи, па „воините“ со одлична игра во второто полувреме го скршија отпорот на Њујорк никс и славеа во „Медисон сквер гарден“ со 105-112. Кари беше човекот на одлука, откако постигна 15 од своите 31 поен во третата четвртина, во која „воините“ успеаја да се одлепат и да си го трасираат патот кон победата. Клеј Томпсон учествуваше со 29 поени во овој триумф на Голден стејт, додека Дерик Роуз со 28 поени беше најефикасен кај Њујорк.

ДеМаркус Казинс се израдува на првата победа како член на Њу Орлеанс, откако екс-кошаркарот на Сакраменто одигра одличен меч против ЛА лејкерс. Њу Орлеанс славеше на гостински терен со 97-105, а Казинс по четирите порази во низа се погрижи конечно да стигне до првиот триумф со новиот тим, учествувајќи во победата со 26 поени.

Најинтересно беше во Атланта, каде домашниот тим загуби во самиот финиш од Индијана, откако Робинсон постигна тројка на 0,6 секунди до крајот за да им ја донесе победата на пејсерси. Пол Џорџ беше најефикасен на средбата со 34 поени, додека Џеф Тиг, кој претходно мина седум сезони во Атланта, постигна 16 поени и 6 асистенции против својот поранешен клуб.

Резултати НБА:

Атланта – Индијана 96-97, Њујорк – Голден стејт 105-112, Феникс – Бостон 109-106, Вашингтон – Орландо 115-114, ЛА лејкерс – Њу Орлеанс 97-105, Далас – Оклахома сити 104-108, Сакраменто – Јута 109-110.

Се вчитува...