„Кралевите“ се налутија, цехот го плати Уникаха

Реал Мадрид конечно ја прекина серијата од три порази во Евролигата, откако „кралевите“ вечерва одиграа извонреден натпревар и заслужено го декласираа шпанскиот ривал Уникаха со убедливи 89-57. Иако покрај Кузмиќ и Ајон денеска отсуствуваше и Рендолф, кој исто така заработи незгодна повреда, избраниците на Пабло Ласо одиграа импресивно, уште во првата четвртина стигнаа до двоцифрена позитива, за на крајот да триумфираат со преубедливи 32 поени разлика.

Керол со 17 поени беше прв стрелец на Реал Мадрид, Руди Фернандез постигна 14, додека Лука Дончиќ повторно беше одличен реализирајќи 13 поени, десет скока и шест асистенции.

Басконија покажува знаци на будење по заминувањето на тренерот Приџони, откако шпанскиот клуб вечерва на гостински терен го декласираше Жалгирис со 77-97. Бобуа и Шенгелиа беа во главна улога со по 19 поени, додека Јанкунас беше најпрецизен кај литванскиот првак со вкупно 20 постигнати поени.

Максимално интересно беше во Истанбул, каде Анадолу Ефес по огромна битка загуби од Панатинаикос со 81-82. Калатес ја постигна клучната тројка за водство од 79-82 на 45 секунди до крајот, Ефес сепак имаше шут за победа, но ударот на Меколум беше блокиран од Гист, па ПАО стигна до значајна победа на гостински терен.

Макаби експресно се рехабилитираше од домашниот пораз од Ефес откако израелскиот гигант вечерва славеше на гостувањето против Химки со 69-77. Пјер Џексон беше главна фигура кај Макаби со 19 поени, шест асистенции и четири украдени топки, а Швед повторно беше најефикасен во редовите на Химки, завршувајќи го мечот со 21 поен, но и дури седум загубени топки.

Се вчитува...