Лино Червар: Тивко дојдов, тивко и ќе си заминам

Победата на Металург против Вардар е резултат на пожртвуваноста и на скромноста на тимот од Автокоманда, нагласи требнерот Лино Червар дополнувајќи дека тој е горд на своите ракометари и на својата работа. Иако ова беше клупска пресметка на двата најголеми македонски ривали, Червар по натпреварот ја изрази и својата огорченост од критиките упатени на неговата селекторска работа со македонската репрезентација и настапот на СП во Франција, откако тој реши да ја напушти македонската клупа и да ја преземе репрезентацијата на Хрватска.

„Нема да правам сега јас еуфорија, момците треба да прават еуфорија, едноставно ми е криво што јас седум години работев чесно, со цело срце, ме навредија дека играме старомодно, дека сме играле лошо со македонската репрезентација на Европското првенство. Јас сум многу горд на момците. Онака како што тие тренираа со мене , не тренирала ни мојата репрезентцаија на Хрватска, така сериозно. Ми беше многу тешко да ја донесам таа одлука, но треба да ме разберете дека  јас таму не потпишав долгогодишен договор, туку  сакам тоа да биде мое последно водење на репрезентацијата во земјата која мене ме прослави, играчите кои со мене освојувале медали, два пати ги одбив. Не ја донесов лесно таа одлука, не беше тоа за ден-два, постојано одолговлекував, но не заслужив навреди. И тоа ме навредувале луѓе од Управниот одбор, наместо да се горди. Криво ми е што на крај тоа испадна вака“ – потенцира Лино Червар.

Хрватскиот стратег на клупата на Металург, смета дека критиките се навреда за него, но и за играчите. Потенцирајќи дека тој ја предводи моментно најсиромашната екипа во Лигата на шампионите, која ја сочинува базата на македонската репрезентација, треба да се почитуваат резултатите и скромноста на играчите кои како што вели „играат за топол оброк“.

Ние цела сезона во Лигата на шампионите игравме одлично, имавме полна сала, играме еден посебен ракомет токму со таа игра. И мислам дека ова е една голема неправда пред се кон играчите, а и кон мене. Јас сум горд што ја водев репрезентацијата на Македонија. И мислам дека треба да бидете горди што го имавте најтрофејниот тренер на СП. Сепак, треба малку да се почитува тоа. Јас барам само добар збор. Професорот Гино Стрезовски треба да ги земе овие момци кај него на факултет да демонстрираат како се игра модерен ракомет.Ние сме во овој момент најсиромашната екипа во Лигата на шампионите, но покажавме дека и во таа ситуација може да одиграме. Момчињата се скромни, тие се задоволни и ако добијат „топол оброк“, да можат да јадат, ако добијат 100 евра. Сите комплименти и заслуги им припаѓаат на играчите и јас сум горд на нив“ – вели  Червар.

Тренерот на Металург рече дека не знае дали ќе остане на клупата на Металург и дека многу поверојатно е дека наскоро ќе замине и од Автокоманда.

Не знам дали ќе останам. После сето ова мене ме бркаат одовде, па мислам дека како што дојдов тивко, тивко и ќе заминам. Јас секогаш ќе доаѓам овде. Со ракомет ќе се занимав и ќе доаѓам во Македонија додека можам, затоа што ги сакам овие луѓе овде. Јас држам до својата гордост и чест“ – нагласува хрватскиот тренер.

Се вчитува...