Нов договор за Икарди, Ванда бара од Интер милиони…

Мауро Икарди сезонава е најсветла точка во таборот на Интер, за неговите услуги се интересира и Реал Мадрид, па „нероаѕурите“ неслучајно се обидуваат што поскоро да постигнат договор за продолжување на соработката и да го задржат аргентинскиот ас уште долго на „Џузепе Меаца“. Како што јавува „Кориере дело спорт“, преговорите стартувале на почетокот од оваа седмица, но раководството на Интер нема да има нималку лесна задача со Ванда Нара, сопругата на Икарди која воедно е и менаџер на голгетерот.

Таа инсистира на зголемување на платата од над 50% (од 4,5 милиони евра на 7 милиони евра по сезона), надополнета со богати бонуси поврзани со успесите на клубот, но и со самиот фудбалер и бројот на постигнати погодоци. Првата понуда на Интер изнесувала 5 милиони евра годишна плата, а „нероаѕурите“ инсистираат да бидат избришани сите клаузули за заминување, со што клубовите заинтересирани за Икарди би морале да преговараат директно со италијанскиот клуб.

Како што јавуваат италијанските медиуми, двете страни се далеку од договор, што е нормално за сам старт на преговорите, а како реална заедничка точка се очекува плата од 6,5 милиони евра по сезона за Икарди и клаузула од 150 милиони евра, сума што Интер ќе ја добие од клубот што би го довел Аргентинецот во своите редови.

Се вчитува...