Панучи: Респект за Македонија, Пандев е феноменален играч!

Селекторот на Албанија, италијанскиот стратег Кристијан Панучи не штедеше зборови за пофалба на македонската репрезентација пред утрешниот меѓусебен дуел во квалификациите за СП 2018.

Албанија два дена со автобус патуваше од својата земја, со ноќевање во Скопје, но како што вели Панучи нема да влијае на утрешното издание на неговите избраници…

„Тоа не е проблем. Нашиот тим имаше два дена да се адаптира во Македонија, но да не заборавиме дека и Македонија имаше натпревар па патување од Израел, така да условите ќе бидат еднакви и за двата тима. Сигурен сум дека утре ќе бидеме на ниво и ќе одиграме квалитетен натпревар. Што се однесува до составот, Садику е подготвен за натпреварот како и сите останати играчи. А, кој ќе биде составот за утрешниот дуел ќе одлучиме дополнително“ – истакна Панучи, притоа дополнувајќи:

„Во Македонија сме дојдени да победиме. Носиме голем респект за противникот кој во Израел покажа дека знае да игра, и има одлични поединци. Го гледав тој натпревар во Хаифа, и може да кажам дека најдобра одлика на Македонија е тоа што не му дозволува на противникот да развие своја игра. Знаеме дека ќе биде тежок натпревар против одличен тим кој игра офанзивен фудбал, но ние не сме тука за однапред да потпишеме дури и за реми. Секако, сакаме победа“.

IMG_9306

Кристијан Панучи добро го познава македонскиот капитен Горан Пандев, ако се знае дека долг период беа лути и градски ривали во периодот кога Панучи беше дел од Рома, а Пандев во Лацио…

„Пандев е феноменален играч, тоа сите добро го знаеме. И дефинитивно ќе биде голема опасност за нас… Но, не планирам некој стриктна одбрана само за него, затоа што во нападот и во средниот ред Македонија има и други одлични поединци“ – истакна Панучи.

Се вчитува...