МЗТ Скопје направи уште еден чекор напред кон финале и нова титула откако актуелниот првак славеше на вториот меч со Куманово со резултат 82-76. За разлика од првиот дуел што мина во апсолутна доминација на аеродромци, овојпат кошаркарите на Куманово се прикажаа во далеку подобро светло, на долги период успевајќи да му парираат на големиот фаворит. Сепак, искуството и квалитетот беа на страната на „сино-белите“ од Аеродром, кои успеаја да се одлепат, а потоа и да ја задржат предноста, претворајќи ја во конечен триумф.
Кумановци одлично отворија поведувајќи со 1-8, потоа и со 3-11 со тројките што ги постигна Димитриевски. МЗТ успеа да се консолидира, па до крајот на четвртината актуелниот првак го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 23-21 со поените на Копривица. „Металците“ потоа ја зголемија предноста во вториот период, но Куманово благодарение на добриот шут од далечина (гостите погодија пет тројки од првите осум обиди) одржуваа неизвесност до 17. минута. Крајот на полувремето сепак мина во знакот на актуелниот првак, кој на одмор замина со убедливи 40-31.
Тројката на Крстевски значеше и прво двоцифрено водство за домашниот тим (37-35), но гостите покажаа карактер и се вратија, преку Главчев намалувајќи на само три поени разлика (65-62). Во последните десет минути се влезе со предност на МЗТ од 67-62, уште во раната фаза шампионот повторно се одлепи стигнувајќи до двоцифрено водство, умешно контролирајќи го резултатот до самиот крај.
Едвин со 22 поени ги предводеше стрелците кај МЗТ Скопје, двоцифрен ефект имаа и Крстевски со 12 и Андоновски со 10 поени, додека најефикасни кај Куманово беа Димитриевски со 22 и Радукиќ со 17 поени.
Полуфиналната серија сега се сели во Куманово, каде избраниците на Марин Докузовски ќе се обидат да го земат скалпот на актуелниот првак и да не дозволат „метла“ во ова полуфинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА