Пеколниот план на ПСЖ – Роналдо крај Нејмар и Мбапе

Половина европски гиганти бараат ПСЖ да биде исклучен од Лигата на шампионите, УЕФА веќе покрена темелна истрага за прекршување на финансискиот ферплеј, но челниците на францускиот гигант не планираат да застанат со трошењето на огромни суми на нови фудбалери. И не само тоа, туку „светците“ се подготвуваат да тргнат во офанзива по една од најголемите ѕвезди на овој спорт – Кристијано Роналдо.

Шпанските медиуми веќе објавија дека Португалецот побарал од Флорентино Перез да му биде дозволено да си замине од „Сантијаго Бернабеу“ на крајот од оваа сезона, информација по која ПСЖ веќе почна да ги разгледува опциите како би можел да го доведе Кристијано на „Паркот на принцовите“. Со оглед на фактот дека веќе има 32 години неговата цена е далеку пониска од онаа на Нејмар, па се очекува Роналдо да биде достапен за околу 120 милиони евра, сума што „светците“ се подготвени да ја платат за да доведат уште една мегаѕвезда во своите редови.

Како можна опција се споменува дури и директна замена за Единсон Кавани, кој по конфликтот со Нејмар сигурно ќе биде продаден на крајот од сезонава. Со продажбата на Кавани, како и со најавените заминувања на Ди Марија, Дракслер и на Пасторе, „светците“ се надеваат дека ќе соберат околу 200 милиони евра, сума доволна да се покрие „минусот“ од оваа година (околу 80 милиони евра), но и да се обезбедат средства за летна офанзива по Роналдо.

Се вчитува...