Ракометниот клуб Пелистер од денеска има нова управа изгласана од Општина Битола која останува главен финансиер на клубот кој е обележје на градот. Ова е прв чекор во стабилизацијата на клубот со богата традиција кој според најавите од Битола ќе има втор најголем буџет во македонскиот ракомет, после Вардар.
Во новиот Управен одбор на РК Пелистер остануваат Сашо Шамбевски и Албен Исаи, а како нови членови во раководството на клубот влегуваат директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски, директорите на јавните претпријатија Водовод и Комуналец – Горан Козарев и Панде Богоевски и уште четири членови.
За нов спортски директор на клубот ќе биде назначен поранешниот ракометар на Пелистер и на македонската репрезентација, Златко Димитровски, кој заедно со Стевче Алушовски, сега во тренерска улога, ќе се обидат да го вратат Пелистер на старите патеки.
Пелистер е есенски првак во машката Супер лига со серија од десет победи по ред. Во зимскиот преоден рок најавени се неколку засилувања на екипата првенствено на голманската и на пикерската позиција со што тимот ќе добие на квалитет и поголема ширина во ростерот. Целта е Пелистер да ја задржи лидерската позиција и во плеј-офот да избори пласман во европските купови и место во регионалната СЕХА лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА