Самоил Симев во „аут“, Виктор Доневски нов извршен директор на ФК Вардар!?

Самоил Симев на крајот од годината заминува од функцијата извршен директор на ФК Вардар, а на негово место во најтрофејниот македонски клуб ќе биде назначен Виктор Доневски, дознава ЕКИПА.

Според нашите информации, после четири години од директорувањето со „црвено-црните“, Симев ќе биде разрешен од функцијата на која дојде на местото на Горан Митев, по промената на сопственичката структура во Вардар и преземањето на клубот од страна на Русинот Сергеј Самсоненко во јануари 2014 година.

Самсоненко никогаш не доби поддршка од домашната спортска јавност и вардаровите навивачи за назначувањето на Симев, кој од „позиција“ на тотален анонимус во домашната спортска јавност беше именуван за прв човек во извршните раководни структури на најголемата македонска фудбалска икона. Сега ќе биде разрешен, како што дознаваме, во период кога во Вардар се случуваат и организациски промени во спортскиот дел.

Виктор Доневски, пак, е поранешен генерален извршен директор на Медиа принт Македонија во периодот кога нејзин сопственик беше „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев, а беше и главен маркетинг директор во телекомуникациската компанија ОНЕ – Телеком Словенија груп.

Според информациите на ЕКИПА, Доневски од јануари 2018 година се очекува да ја преземе функцијата извршен директор на ФК Вардар. Сето ова, според толкувањата на дел од домашната спортска јавност, е само најава и на други промени во раководните структури на ФК Вардар, но и останатите проекти кои се под раководството на Русинот Сергеј Самсоненко.

Како што е познато, претходно Самсоненко во август најави повлекување од сопственичката структура на трите вардарови клуба, откако беше налутен од коментарите во јавноста по одлуката за цената на билетите за дуелите со Фенербахче во квалификациите за ЛЕ. После тоа „ретерираше“ истакнувајќи дека ќе остане во Вардар и по јуни 2018, но согласно се погласните шпекулации во јавноста и натаму е крајно неизвесна сликата за трите клуба на Вардар по јануари 2018. Посебно и со се појасните информации и за заминување на бројни членови од црвено-црното семејство, пред се од европскиот шампион РК Вардар.

Се вчитува...