Николо Тресолди е името што ќе остане запаметено во историјата на Бриж по фантастичната партија и хет-трикот на гостувањето во Милано против Интер, за огромен триумф на белгискиот првак во второто коло од Лигата на Шампионите.
Тресолди стана само втор гостински играч со хет-трик на „Џузепе Меаца“ (првиот е Герет Бејл со Тотенхем), уште повеќе привлекувајќи го вниманието кон себе во борбата за која репрезентација ќе настапува овој исклучителен голгетер.
Тресолди е роден во Италија, но како дете со семејството се има преселено во Германија и моментно настапува за германската младинска репрезентација. Тој не крие дека има понуди на маса, но и јасно става до знаење дека се уште не донел конечна одлука околу тоа за која национална селекција ќе настапува на сениорско ниво.
„Toa e голема работа, тешка одлука. Ми се јавија и Јирген Клоп и Роберто Манчини, точно е дека разговарав и со двајцата, но лага е дека сум донел одлука. Фокусиран сум на настапите за младинската репрезентација на Германија, треба да играме ЕП, натпреварување што своевремено мојот татко го има освоено со младинците на Италија… Знам дека има многу врвни напаѓачи, како во Германија, така и во Италија, но сигурно овој хет-трик ќе ми ја крене самодовербата, уште повеќе да верувам во сопствените квалитети. Германија или Италија? Не знам што да кажам, мајка ми е од Аргентина“, со насмевка го заврши коментарот на оваа тема Тресолди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
