Ракометарите на Вардар вечерва ги очекува нов сериозен предизвик во Лигата на Шампионите, гостување во Полска против тимот на Висла Плоцк (20.45 часот), ривалот од кого беа поразени пред една седмица во Скопје со 26-32.
Сите во таборот на „црвено-црните“ беа разочарани по тој дуел, што ќе биде само мотив плус вечерва на теренот на противникот да се покажат во подобро светло и да ги замрсат сметките на фаворитот. Вардар моментно е последен на табелата без ниту еден бод, сите останати тимови имаат по четири, па јасно е дека вечерашниот дуел е последна шанса за „црвено-црните“ да фатат приклучок за пласман во следната фаза.
„Теоретски, се е можно, иако реално веројатно немаме многу шанси. Што се однесува до реваншот, секако дека секогаш одиме на победа. Вардар секогаш оди на победа, Вардар е голем клуб. Ќе се потрудиме овој натпревар да биде поинаков, да дадеме уште повеќе од себе, да ги исправиме грешките и да стигнеме до посакуваните два бода, кои сите со нетрпение ги очекуваме. Единствениот начин да стигнеме до тие два бода е со вистински пристап и вистинска енергија. Тоа е суштината. Ќе дадеме се од себе“, вели крилото Вукашин Воркапиќ.
Тренерот Иван Чупиќ верува дека неговиот тим ќе се претстави во далеку подобро светло во однос на тој прв меч во Скопје.
„Кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да одиграте подобро. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нејзин терен. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за напредок во нашата игра, и во одбраната и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме добар и квалитетен натпревар. Сакаме повторно да се претставиме во добро светло во Лигата на шампионите. На преостанатите три натпревари, исто како и на првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за првите бодови и за првата победа“, изјави Чупиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
