СЕДМЕРЕЦ: Хрватска, доаѓаме...ма летаме, бре! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Кошарка
22/08/2017 15:25
Меѓ. Фудбал
22/08/2017 13:31
Коментари
21/08/2017 19:51
Фудбал
21/08/2017 18:52

СЕДМЕРЕЦ: Хрватска, доаѓаме…ма летаме, бре!

Билјана Б. Петрушева

Кога репрезентацијата „лета“ по терен, публиката ужива, а селекторот си ги чека играчите да ги поздрави еден по еден, не може да не биде убаво. И за око и за душа. Секоја чест!

1.Можело и вака…

Ракометна Македонија има со што да се гордее. Има европски шампион и има репрезентација за респект, да ги позајмам зборовите на „министерот на голот“. Ги има Кире, Борко, Столе, Жаре, Никуш, Јоно, Влатко,  Жути и сите други Филип-и, и Мартин-и…

И, го има „командант Раул“ на клупата. А, тој знае да ја направи разликата.

Главите што таму некаде на почетокот на сезоната беа наведнати во Плзен, сега се гордо кренати и на најдобар можен начин ставаат точка на една незаборавна сезона.

Ако гризевме нокти и со месеци голтавме кнедли како ќе ги решиме оние -7 ако случајно, на крај треба да бркаме гол разлика со Чешка и правевме милион математики како да стигнеме до Европското во Хрватска, вчера во Скопје сето тоа изгледаше неверојатно едноставно.

Убава, чиста победа на Македонија, не со седум туку со 13! Уште поубава игра, мир на клупата, задоволство на трибините. Македонија на Европско во Хрватска. Што друго да посакаме.

2.Репрезентацијата онаква каква што ја сакаме

Убаво и за очи и за душа. Ни се врати репрезентацијата онаква каква што ја сакаме, кога се сите како еден. Кога Кире „забива“ 11 гола и око не му трепнува како да има 17, а не 37. Кога Борко се крсти и брани како да ни зависи живот од секоја топка. Кога Јоно долетува, ја облекува „9-та“ и ги „здробува“ Чесите во одбрана. Кога Миркуловски „гине“ по цел терен. Кога Митков и во својот последен меч во репрезентативниот дрес тивко и корисно покрива се што треба. Кога младите Талески и Кузмановски се вистински рамноправни со оние поискусните. Кога „фрчат“ цепелини од сите страни…  Кога играат сите 16 и секој си го знае местото и задачата.

Па дури и ние таму горе под кровот на „Борис“, сме некако мирни и сигурни дека се ќе биде како што треба. Добро за промена.

Македонија знае да им се радува на победите. А оваа последнава супериорно не носи на ЕП по петти или ако сакате, за оваа генерација по четврти пат по ред.

Ретко кој не ги памети Вараждин и Задар и СП во Хрватска во 2009 и првиот чекор на оваа македонска репрезентација на големата ракометна сцена.

Е, па, Хрватска, во јануари ти доаѓаме повторно. Со репрезентацијата посилна од кога и да е. И со цела „македонска фаланга“, се разбира

3.Секоја чест сењор Гонзалес – и по трет пат

Не сум многу од оние што ги фалат селекторите, туку повеќе од оние другите што ја сакаат репрезентацијата и онака „заштитнички“ на сите на клупата им наоѓаат маани и „вадат очи“ за секој лош потег, а не пак за експримент. Ама на Раул Гонзалес, барем три пати досега му симнувам капа.

Прво беше по оној прв тајмаут во Вардар на македонски.

За шампионската титула и поздравот за Македонија, веќе нема збор!

Третиот наклон за „ел команданте“ е за начинот на кој ја поведе и ги смири духовите во македонската репрезентација. Мирно полека, со авторитет, но и со почит, секогаш и за секого.

А, признавам бев од оние скептиците што помалку стравуваа ќе може ли нашиот Шпанец и Вардар да го однесе во Келн и Македонија на ЕП. Ем дебитантски, ем се во еден месец…Но, сега веќе нема дилема ни за песимисти, ни за оптимисти. Раул Гонзалес може и го направи тоа што не им успеа ни на Талант Душебаев со Полска ни на Чави Пасквал со Романија.

Имаше три дена пред Исланд и успеа да го „реши“. Имаше нецел ден во комплетен состав пред Украина и успеа да освои вреден гостински бод. Иако некои во тоа се обидоа да видат и „дебакл“ со испуштена победа.

Имаше уште три дена и „ја реши“ Чешка да не знаат Чесите од каде да излезат во „Борис“. Истите оние што не „разнесоа“ пред некој месец во Плзен.

И еден посебен момент што не го фаќаат камерите, ама вреди и тоа како да се спомене. Се случува пред соблекувалната под трибините. Го застануваме селекторот за изјава, а тој ни вели почекајте ме малку, да си ги поздравам играчите“.

Ги чека  и ги поздравува еден по еден, од прв до последен. И пред микрофоните сам доаѓа да му се заблагодари на Јоновски што дошол да и помогне на репрезентацијата.

И ако уште има некој што се чуди зошто Македонија игра вака „препородено“, нека не се чуди.

Раул Гонзалес добро научи македонски, ама ретко го користи она прво лице еднина „ЈАС“. Повеќе му лежи, она „НИЕ“. Тивко и спонтано.

А, толку многу го баравме тоа „НИЕ“ со месеци и со години…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.