Шкотска не оди во бараж, Словенците со џиновска услуга за Словачка

Репрезентативците на Словенија им направија џиновска услуга на фудбалерите од Словачка, успевајќи да останат непоразени на дуелот против Шкотска. Иако мечот беше без никакви значење за нив, Словенците одиграа храбро, ремизирајќи 2-2 против островската селекција која во пресрет на ова коло се наоѓаше на втората позиција, но беше приморана местото во баражот да им го препушти на Словаците.Шкотска водеше со 0-1 по првиот дел, но во второто полувреме Безјак со два гола им пресуди на островјаните, пред Снодграс во самиот финиш да ги постави конечните 2-2.

Селекцијата на Словачка очекувано лесно триумфираше над аутсајдерот Малта со 3-0, додека Англија ги заврши овие квалификации со триумф од 0-1 во Литванија, со голот од пенал на Хари Кејн во првото полувреме.

Драматично беше и во Варшава, каде Полска во фантастичен меч славеше над Црна Гора со 4-2. Домаќините рано поведоа со 2-0 и се чинеше дека го контролираат мечот, но Црногорците со два брзи погодоци за помалку од пет минути успеаја да израмнат. Сепак, грешката на екс-вардарецот Мијушковиќ при повратната топка ја искористи Левандовски за лесен гол за 3-2, за конечните 4-2 со автогол да ги постави Стојковиќ во 87. минута.

Оваа победа значи и директен пласман на Полска на претстојниот мундијал, додека од оваа група во баражот се пласираше Данска, која ремизираше 1-1 против Романија. Данците први поведоа преку Ериксон, а интересно е што гостите во финишот стигнаа до израмнување со играч помалку преку Деак, откако Ганеа заработи црвен картон во 63. минута.

ГРУПА Е: Данска – Романија 1-1, Полска – Црна Гора 4-2, Казахстан – Ерменија 1-1.

Табела: Полска 25, Данска 20, Црна Гора 16, Романија 13, Ерменија 7, Казахстан 3.

ГРУПА Ф: Литванија – Англија 0-1, Словенија – Шкотска 2-2, Словачка – Малта 3-0.

Табела: Англија 26, Словачка 18, Шкотска 18, Словенија 15, Литванија 6, Малта 1.

Се вчитува...