Српскиот циркус продолжува – ракометарите го обвинија селекторот дека ги водел пијан!

Продолжуваат скандалите поврзани со настапот на ракометната репрезентација на Србија на ЕП во Хрватска. Извештајот на селекторот Јовица Цветковиќ во кој прозва дел од ракометарите дека „лумпувале низ Загреб и предвреме резервирале билети за враќање“, предизвика бура и реакција кај ракометарите. Тие денеска испратија известување до јавноста во кое го обвинија селекторот дека ги водел неподготвен и пијан.

Без никаква причина ставени сме на столб на срамот благодарение на селекторот кој изнесе низа невистини. Сега и ние мора да проговориме бидејќи секој негов збор е лага“ – стои во обраќањето на српските ракометари.

Освен обвинувањата дека селекторот Цветковиќ за репрезенативците не знаел кој каде му игра и како што пишуваат не ги знаел „85 проценти од противничките играчи“, тие откриваат дека селекторот не доаѓал на тренинзите и на ЕП ги водел пијан.

Што правиме со фактот дека на 86 отсто од тренинзите не ни беше? А и кога беше пушеше во салата каде што се тренира! Во тренерка со грбот на Србија! На пушењето во соблекувална пред секој натпревар веќе се навикнавме, тоа не е новина. За една недела во хотелот имаше сметка од 1.200 евра само за алкохол! Тогаш и не чуди што селекторот секоја вечер беше во алкохолизирана состојба. Кулминација беше кога во таква состојба го водеше натпреварот против Белорусија. Под дејство на алкохол, го нападна и го удри потпретседателот на Сојузот, Драган Шкрбиќ. Да, тоа е вистина бидејќи играчите беа присутни, раздвојувавме и ги смирувавме старстите“ – пишува меѓу другото во обраќањето на српските ракометни репрезентативци.

Како што најавуваат српските медиуми, УО на РСС во среда ќе расправа за состојбите во националниот тим и како што е најавено ќе го разреши Цветковиќ од селекторската функција.

Се вчитува...