Триумфи за Шкендија, Вардар и за Пелистер, и без голови на „Кукуш“

Трката за шампионската титула продолжува од иста дистанца. Шкендија славеше со 0-3 против Шкупи на гости во Маџари, а со ист резултат и Вардар ја совлада Победа на „арената „Филип Втори“. Пелистер оствари значаен триумф над Работнички (3-2), а Академија Пандев и Скопје беа мирољубиви кога се погодоците во прашање на стадионот „Кукуш“ во Турново.

По 20.коло, Шкендија има повторно осум бода предност во однос на Вардар на врвот на табелата во Првата фудбалска лига на Македонија.

Шкендија го совлада тимот на Шкупи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари со 0-3. Ардијан Цуцули во 33.минута го донесе лидерот до предност, а во завршницата од мечот Ферхан Хасани и Бесарт Ибраими со два гола го докрајчија составот од Чаир.

Хасани во 79.минута ги разреши дилемите околу победникот, а Бесарт Ибраими во 88.минута ја запечати победата на Шкендија.

Вардар очекувано ја совлада Победа на арената „Филип Втори“ со 3-0. Иако „црвено-црните“ не блескаа, сепак, рутински си ја одработија задачата. Тигран Барсегјан во 38.минута донесе водство за шампионот. Фелипе шутираше од 20 метри, голманот на Победа ја одби топката, а Барсегјан бее присебен и ја смести во мрежата.

Во 56.минута, Гешоски и Даноски се заканија по голот на Гачевски, но неа беа ефикасни, а Вардар дојде до втор гол во 73.минута. Тошевски продре по десната страна, уфрли на петерецот, а Максим Максимов рутински стрелаше. Речиси идентично беше и во 90.минута, проигра Глишиќ, а Максимов постигна уште еден гол за крај.

Пелистер оствари важен триумф (3-2) против Работнички под „Тумбе кафе“. Гостите од Скопје дојдоа во водство во третата минута, со голот на Христијан Кировски по центаршутот на Херера од левата страна. Но, Пелистер возврати двојно уште во првиот дел. Борче Маневски од пенал во 23.минута го израмни резултатот, а само четири минути подоцна Ристе Илијовски постигна втор гол за „зелено-белите“.

Во вториот дел, Чарлс Гофри не реализира две убави шанси за Работнички, гостите бараа и пенал по волејот на Дурански и играта со рака на еден од домашните дефанзивци, а на спротивната страна Маневски можеше да ја запечати субината на „романтичарите“.

Во 83.минута, Гофри постигна погодок за израмнување по центаршутот на Трајчевски, а само три минути подоцна Иве Трифуновски со прекрасен гол повторно му донесе предност на Пелистер.

Академија Пандев и Скопје на стадионот „Кукуш“ одиграа без голови.

ПРВА ЛИГА, 20.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – ПОБЕДА 3-0

ШКУПИ – ШКЕНДИЈА 0-3

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ 3-2

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СКОПЈЕ 0-0

ВЧЕРА: РЕНОВА – СИЛЕКС 0-0

Табела: Шкендија 50, Вардар 42, Силекс 32 (-1), Академија Пандев 26, Шкупи 26, Работнички 24, Пелистер 20, Ренова 20, Победа 20, Скопје 11 (-1).

Се вчитува...