„Вардарци“ паднаа пред Барса, ништо од светската круна

Ракометарите на Вардар не успеаја да ја комплетираат својата колекција на трофеи со титула од Суперглоуб натпреварувањето откако попладнево во Доха беа поразени од Барселона со 32-29. „Црвено-црните“ цел натпревар бркаа резултат, покажаа карактер и се вратија, но во клучните моменти не искористија две шанси за водство, па на крајот го загубија мечот и не успеаја да се пласираат во големото финале.

„Црвено-црните“ се соочија со огромни проблеми во нападот на почетокот, што им овозможи на каталонците да доминираат на теренот. Барселона поведе со 8-3 и петнаесетина минути целосно го диктираа темпото. Европскиот шампион сепак влезе во ритам, па многу полесно го наоѓаше патот до мрежата на Гонзало Перез де Варгас. Каталонскиот гигант на неколку минути пред крајот на полувремето имаше убедливи 14-8, по што „вардарци“ заиграа подобро во одбраната, па успеаја да ја преполоват негативата и на одмор да заминат со 15-12, со голот на Лука Циндриќ пред самиот крај на полувремето.

Циндриќ беше во главна улога и на стартот од вториот дел, кога Вардар играше многу подобро во нападот отколку во првото полувреме. „Црвено-црните“ стигнаа до 20-18, имаа и напад, но почетнички ја загубија топката, по што Барса реализираше од сопствената половина во празната мрежа. Хрватскиот бек постигна уште еден убав гол од соло-акција за 22-21, по што Милиќ му одбрани зицер на Сипжак во 43. минута, давајќи им на „црвено-црните“ шанса за израмнување. Вардар две акции за да стигне до 22-22, но не успеа да реализира, по што Виктор Томас погоди на спротивната страна за Барса повторно да стигне до „плус два“. Барселона набрзина имаше и 24-21, но Вардар повторно влезе во серија, па со голот на Циндриќ на дванаесет минути до крајот резултатот беше израмнет на 24-24.

Се влезе во серија „гол за гол“, а „вардарци“ имаа две одлични шанси за водство, првата кога Кристопанс биеше, а Гонзало одбрани, а потоа и при обидот за контранапад кога Циндриќ во една од ретките грешки лошо го проигра Дибиров и топката заврши во аут. Барса сепак беше подобра кога беше најважно, каталонците заиграа агресивно во одбраната на Циндриќ, а останатите „вардарци“ не се снајдоа најдобро во ваквата ситуација, па противникот поведе со 31-28 на помалку од три минути до крајот. Вардар дојде на 31-29 и имаше напад за да се избори за неизвесен финиш, но Гонзало го одбрани шутот на Циндриќ, па Барселона го доби овој меч со конечни 32-29.

За жал, „црвено-црните“ на титулата европски нема да го додадат и трофејот за светски клупски првак, па утре во мечот за третото место ќе се сретнат со поразениот во денешното второ полуфинале меѓу Фуксе Берлин и Ал Сад.

Се вчитува...