ТАЈМАУТ: Стара приказна, нови виновници

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Заврши уште еден мундијалски настап за Македонија, со пласман сосема реален согласно моменталните можности, но и фактот дека посериозната смена на генерации во нашата репрезентација почна токму од овој светски шампионат. Гледано чисто статистички, пласманот е идентичен како и пред две години во Франција, каде забележавме две победи, едно реми и три порази, наспроти три победи и четири порази овде во Германија.

Сепак, останува фактот дека во 2017 ја остваривме зацртаната цел – пласман во осминафиналето, каде настапивме без повредените Миркуловски и Манасков, а овде не успеавме да стигнеме до втората рунда, нешто што беше желба на сите, а остана неостварена. На крајот, останува утехата дека ако ништо друго барем сме редовни учесници на големи натпреварувања. А пласманот – па за него капитенот Лазаров уште пред Мундијалот проговори дека ќе биде светско чудо ако со овој тим отидеме меѓу 12-те најдобри во светот. По природа сме оптимисти и никој не може да ни го одземе правото да посакуваме нешто повеќе – но ова сепак е реалноста на мак-ракометот.

Сепак, човек не може а да не се запраша дали можеше нешто да биде поинаку.

„Ел Команданте“

Шпанецот важи за тактички генијалец уште од времето кога седеше на клупата на Вардар, впрочем неслучајно летово беше ангажиран од моќниот ПСЖ, но кога станува збор за Македонија на ова СП – и Раул како и целокупната македонска репрезентација тактички беа еднодимензионални.

„Седум на шест“, тоа беше нашиот рецепт за успех. Проблемот е што тоа беше единствениот рецепт, без никаков „План Б“ што би можел да се спроведе ако противникот најде лек за оваа тактика на Раул. Кога ќе бевме прочитани, како против Исланд и Русија, тогаш се приоѓаше кон „шест на шест“, но без некој посебен концепт. Впрочем, околу 80% од работата на тренинзите во Скопје се посветуваше токму на „седум на шест“, но ова е турнирско натпреварување и логично е како ќе одминува времето, така и врвните стратези на спротивната страна се повеќе ќе се адаптираат на оваа тактика на Македонија. И во еден момент ќе најдат лек.

Прашањето беше што тогаш… а за него Раул имаше одговор: ‘Пробавме се, седум на шест, шест на шест, тоа е тоа…’ Недоволен одговор од сериозен тренер на сериозна репрезентација каква што сакаме да бидеме.

Подмладување на хартија

Долги години се најавуваше подмладувањето, сега еве се случи, токму на овој шампионат. На сите ни е многу јасно дека квалитетот не е на нивото за веднаш да имаме наследници на Миркуловски, Мојсовски и сличните на нив, но во процесот на подмладување на репрезеннтацијата многу позначаен е потенцијалот, дали може играчот да расте низ годините, како и карактерот. Кај ова второто младите потфрлија покажувајќи недоволна борба против Хрватска, но веќе против Русија видовме поголем жар во нивното издание.

Невкусно беше да се слушаат повозрасните како „удираат“ по помладите кои влегуваа на веќе решени натпревари, па затоа и нивниот придонес (или вина) за овој пласман е минорен. Квалитетот е тој што е и мора заеднички да се надградува, со помошта на поискусните и стручниот штаб, заедно со работата во клубовите. Најлесно е да се удри жестоко по оној што нема сила да врати, потешко е да му подадеш рака и да го кренеш кон сопствените височини. Дека патот ќе биде трнлив нема никаков сомнеж, но тој мора да се изоди, доколку се сака ракометот да остане она што е во моментов – спорт број 1 во Македонија.

Талески и Кузмановски

Филип и Филип, Талески и Кузмановски, со години се најавувани како идни лидери на националниот тим. Впрочем, едниот уште пред две години замина во Рајн-Некар Левен, а вториот во јули ќе се пресели во Магдебург, доволен доказ за потенцијалот што го поседуваат.

Ова СП требаше да биде она големо натпреварување во кое и тие ќе преземат поголем дел од одговорноста, но тоа најчесто не беше случај. Причината пред се е тактичка – инсистирањето на Раул играта „седум на шест“ да завршува со чиста позиција на пивот или крило и што помалку шутирање од бековските позиции (со исклучок на капитенот Лазаров), за да се има доволно време за промена со голманот во транзицијата напад – одбрана.

Факт е дека тие и во една ваква ситуација требаше да се снајдат подобро, пред се со намалување на бројот на избрзани шутеви, но младоста и желбата за докажување, дека конечно доаѓа нивното време придонесе на моменти да реагираат спротивно на ракометната логија.

Штета за голманите

Факт е дека двајцата голмани, Борко Ристовски и Никола Митревски, одлично си ја завршија работата кога пред себе имаа поставена одбрана, но грешките во нападот и казните во празна мрежа беа главниот проблем.

Од поискусните на стандардното ниво беше и капитенот Кире Лазаров, како и Дејан Манасков, додека од „седум на шест“ најмногу профитираше Пешевски, кој играше на страната поблиску до Лазаров, па добиваше повеќе употребливи топки од Стоилов. Самиот Стоилов беше одличен во одбраната, но во нападот промаши невообичаено за него многу зицери, како и Гоце Георгиевски во Минхен.

Филип Лазаров повторно беше најкритикуван македонски ракометар од „два милиони селектори“, затоа што ги слушаше советите на единствениот селектор што тој го има – Раул Гонзалес. А главниот совет беше да не шутира (освен во екстремни ситуации), само да додава, за да се намали ризикот од загубена топка. Сепак, тој сезонава настапува во четвртата германска лига и илузорно беше да се очекува физички да може да издржи цел турнир во високо ниво. А не пак да биде главен креатор во обидот да се победат Хрватска, Шпанија и Исланд…

Реалноста е таа, како и пред две години сме 15. ракометна репрезентација во светот. За нешто повеќе треба многу посериозна работа и максимална сплотеност.

Се вчитува...