Репрезентацијата на Кина денеска игра пријателски натпревар со Филипини, меч што ќе остане запаметен поради фактот дека за првпат за кинескиот национален тим ќе заигра фудбалер што не е роден во оваа земја.
Станува збор за Англичанецот Николас Јенарис, кој во текот на својата кариера играше и за Арсенал, по што се реши да се пресели на Далечниот Исток. Тој во 2012 година одигра и еден меч за првиот тим на „топчиите“, а во меѓувреме мина неколку генерации на младите англиски репрезентации.
Сепак, откако му стана јасно дека за него нема иднина на врвно ниво на „островот“, Јенарис се пресели во Кина, земјата од кате потекнува неговата мајка. Тој го промени државјансството, па дури си зеде и кинеско име – Ли Ке, со што се здоби со право да настапува за азиската национална селекција.
Ли Ке, кој настапува за тимот на Пекинг Гуан, е највреден кинески фудбалер проценет на два милиони долари, па со право се очекува тој да се наметне кај селекторот Марчело Липи во новата репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА