Дури петмина македонски репрезентативци ќе бидат дел од новата сезона во Бундес-лигата, рекорд кога станува збор за учеството на наши ракометари во најсилната лига во светот. Првото коло ќе го донесе и првото „македонско дерби“ во Бундес-лигата, Филип Кузмановски ќе дебитира за Магдебург против поранешниот соиграч од Металург, Филип Талески, кој кариерата ја продолжува во Балинген.
Кузмановски беше предводник на тимот на Работник при освоеното второ место во домашното првенство, но одличниот бек уште од претходно го имаше договорено трансферот во Магдебург за јуни 2019. Тој одигра добри натпревари во подготвителниот период, па се очекува да добие значајна минутажа и на почетоккот од новата сезона.
Токму малата минутажа беше проблем за Филип Талески, кој по неколку сезони во Рајн-Некар Левен реши да си замине од таборот на „лавовите“. Новиот прволигаш Балинген испрати понуда што Талески реши да ја прифати, селејќи се во клуб каде екс-капитенот на Металург се надева дека конечно ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети во најсилната лига во светот.
„Староседелец“ во истиот клуб како и ланската сезона останува единствено Филип Миркуловски. Средниот бек се наметна како лидер на Вецлар и најверојатно ќе остане во овој клуб до крајот на кариерата.
Жарко Пешевски е едно од најголемите засилувања на Штутгарт во овој преоден рок. Македонскиот пивот пристигна во Бундес-лигата од украински Мотор, каде имаше одличен почеток на сезоната, но по тренерската смена значително се намали неговата улога во тимот, по што трансферот беше неизбежен.
Петтиот македонски репрезентативец во Бундес-лигата е голманот Мартин Томовски, кој од Металург се пресели во таборот на Лудвигсхафен. Овој тим го имаше договорено Томовски додека се наоѓаше на пат кон втората лига, но во меѓувреме успеа да се спаси, па младиот голман ќе има можност веднаш по преселбата во Германија да биде дел од најсилната лига во светот.
Улогата на бранител на титулата во Бундес-лигата ја има Фленсбург, кој синоќа во Супер-купот на Германија на пенали славеше против Кил. Најзвучен трансфер дефинитивно е враќањето на Уве Генсхајмер во Рајн-Некар Левен, а мора да се истакне и тренерскиот ангажман на Филип Јиха, како нов шеф на стручниот штаб на Кил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА