Кардиф ќе мора да му плати на Нант само 5,3 милиони фунти за Емилијано Сала, наместо договорените 15 милиони фунти од договорениот трансфер на аргентинскиот голгетер кој го загуби животот во авионска несреќа непосредно по потписот за англискиот клуб. Ова е одлуката на ФИФА, која ја презеде одговорноста преку арбитража да го реши овој случај кој се одолговлекуваше со месеци.
Двата клуба тргнаа во легална битка неколку дена откако беше пронајдено телото на аргентинскиот фудбалер, откако Кардиф одби да ја плати првата рата од трансферот со образложение дека истиот не бил регуларно комплетиран бидејќи фудбалерот воопшто не почнал со тренинзи во новиот клуб. Воедно, англискиот премиерлигаш (во меѓувреме испадна во Чемпионшип) тврдеше дека челниците на Нант го организирале кобниот лет на фудбалерот, за што мораат да сносат одговорност.
ФИФА на крајот пресуди дека Кардиф ќе треба да плати само една третина од договорената сума. Останува да се види дали клубовите ќе ја прифатат оваа одлука, или ќе се решат да се жалат до Спортскиот Суд во Лозана, кој во случај на жалба ќе го има конечниот збор во овој случај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА