Андреа Ањели – лузер на годината

Битката за власт во европскиот клупски фудбал траеше 48 часа. Толку издржаа клубовите кои се сметаа себе за најмоќни, но и доволно силни за да го преземат елитниот фудбал под своја контрола од УЕФА.

Први се повлекоа Англичаните, а ако се знае дека во проектот од старт одбија да се вклучат Германците (Баерн и Борусија Дортмунд) и Французите (ПСЖ и Лион) беше јасно дека Суперлигата е осудена на експресна пропаст.

Лузери има многу, речиси сите претседатели и клупски директори кои во изминатиот период лобираа за овој супер-проект, но ниту еден како Андреа Ањели.

Првиот човек на Јувентус дури вчера даде и ексклузивно интервју за „Кориере дело Спорт“ за да го изнафали новиот проект. Проблемот е што во весникот „Кориере“ интервјуто излезе во утринското издание, откако Суперлигата во меѓувреме престана да постои.

Ањели има катастрофална сезона со Јувентус, не може да се справи со зголемените долгови на клубот, а од пред два дена за непријател број 1 го има и Александар Чеферин. Првиот човек на УЕФА го посочи токму Ањели за најголемо разочарување од ссите клупски челници, пред се поради фактот дека двајцата и приватно беа блиски пријатели, па така Чеферин беше и кум на последната ќерка што ја доби Андреа Ањели.

„Немам видено поголем лажго во животот од Андреа Ањели, тој ми е најголемо разочарување. Се гледавме толку често, зборувавме во саботата и очигледно е дека се што ми кажа е лага. Алчноста дефинитивно ги менува луѓето“, изјави Чеферин во понеделникот.

Андреа Ањели до неделата беше и претседател на Европската Асоцијација на Клубови (ЕКА), функција од која се повлече за да стане потпретседател во Суперлигата. Само што, Суперлигата веќе не постои, а тој останува само претседател на Јувентус. И тоа е прашање колку долго, со оглед на се поголемиот притисок да се повлече од оваа функција поради слабото раководење со најтрофејниот италијански фудбалски колектив.

Се вчитува...