Намерно добија жолти картони, па сега може да не играат на „Ел класико“

Барселона славеше минимална победа против Лас Палмас (1-0), но заостанувањето зад Реал Мадрид и понатаму е големо, откако на осум кола до крајот Каталонците имаат осум бода помалку од лидерот.

Избраниците на Чави веќе многу размислуваат за Ел Класико кое е закажано за две кола иако претходно Барселона ќе му гостува на Кадиз. Токму затоа стручниот штаб на Барселона одлучи некои од играчите да ги избришат жолтите картони. Роберт Левандовски и Жоао Кансело добија очигледно намерни јавни опомени, петти во сезоната.

Кога беше заменет во 81. минута, Полјакот одолговлекуваше да ја напушти играта, а Португалецот во 88. минута доби јавна опомена за прилично остар старт врз противнички играч. И двајцата нема да имаат право на настап на натпреварот против Кадиз. Сепак, Барселона би можела да се соочи со многу поголем проблем. Според правилата на Шпанскиот фудбалски сојуз, споменатиот тандем би можел да го пропушти и натпреварот против Реал Мадрид, а ова го тврди реномираната „Марка“.

„Според правилата на Шпанскиот фудбалски сојуз, Левандовски и Кансело мора да бидат суспендирани на два натпревари и затоа би го пропуштиле Ел Класико, со оглед на тоа што намерно добија жолти картони за да го пропуштат следниот натпревар“, пишува „Марка“. 

Се вчитува...