АБА се распаѓа: Состанок во Загреб без српските клубови

АБА-лигата се наоѓа пред колапс откако за денеска е закажан состанок на клубовите на кој не биле поканети четирите српски екипи кои се дел од ова натпреварување. Иницијатор на состанокот е раководството на Будуќност, кое во Загреб ќе се сретне со останатите екипи и ќе се обиде да ги убеди за поинаков изглед на регионалното натпреварување за наредната сезона.

Црногорците ја продолжуваат војната со Небојша Човиќ и со раководството на Црвена звезда, па сега ќе се обидат да добијат поддршка за измена на форматот на лигата, во која би учествувале екипи од Хрватска, Црна Гора и Словенија. Покана за денешниот состанок добиле и челниците на Унион Олимпија, кои би останале дел од оваа лига иако го освоија последното место сезонава во АБА1.

Се уште е неизвесно каква улога во целата приказна ќе има МЗТ Скопје, кој би можел да остане дел од регионалното натпреварување доколку во АБА во следната сезона не учествуваат Црвена Звезда, Партизан, ФМП и Мега Бемакс.

Најавеното собрание на АБА-лигата е одложено за 24 мај, кога дефинитивно ќе се знае дали оваа иницијатива за промени ќе успее или пак АБА ќе продолжи во ист формат како и досега.

Се вчитува...