„Абракадабра“ на Златан: Милан донесе двајца нови голгетери на „Сан Сиро“

Финишот на овој преоден рок е бурен за италијанскиот гигант Милан, откако поради конфликт со тренерот Консеисао најпрвин си замина Калабрија (се пресели во Болоња), а денеска крај на престојот на „Сан Сиро“ означи и Алваро Мората, комплетирајќи ја преселбата во Галатасарај.

Златан Ибрахимовиќ имаше полни раце работа, но директорот на „росонерите“ успеа во замислата, да доведе двајца нови голгетери со кои навалната линија на Милан ќе биде далеку поопасна во вториот дел од сезоната.

Сантијаго Хименез ќе го носи дресот со број седум на „росонерите“ откако управата на Милан конечно успеа да се договори со Феенорд за трансферот на мексиканскиот репрезентативец што беше прва желба на клубот уште од стартот на овој преоден рок. Мексиканецот потпиша договор со Милан до 2029 година, а интересно е што своето деби најверојатно ќе го има токму против досегашниот клуб Феенорд, кој ќе му биде ривал на италијанскиот гигант во 1/16 финалето од Лигата на Шампионите.

„Росонерите“ не застанаа тука, успевајќи да договорат уште еден фудбалер за нападот – Жоао Феликс од Челси. Португалецот доаѓа на барање на тренерот Консеисао, и тоа на позајмица до крајот на сезонава откако лондонскиот клуб ја прифати понудата од два милиони евра и целосно покривање на платата на Феликд од страна на „росонерите“.

Се вчитува...