Адебајор: Манчини беше врвен фудбалер, но сега е очаен тренер

Поранешниот напаѓач на Арсенал, Тотенхем и Манчестер сити, Емануел Адебајор се присети на времето кога го носеше дресот на „граѓаните“, а играше под крилото на италијанскиот стратег Роберто Манчини. Адебајор во 2009 година го напушти Лондон, поточно Арсенал и пристигна во Сити како големо засилување, но неговиот статус во тимот драстично се смени по доаѓањето на Манчини на клупата.

„Манчини немаше контрола во соблекувалната. Нервираше многу мои колеги, знам барем 25 фудбалери кои имаа за нешто да му замерат. Во своето време тој беше врвен играч, но многу лош тренер, дури очаен. Во секој клуб кој го превзема купува барем по 40 играчи. Мурињо мораше да продаде половина од играчите кога пристигна во Интер, бидејќи Манчини претходно имаше на располагање најмалку 40 фудбалери. Кога пристигна во Сити, Манчини доведе четири врвни напаѓачи, Џеко, Балотели, Тевез и Агуеро, додека јас веќе бев тука како петта опција. Да ми кажеше да си заминам јас без размислување ќе го напуштев тимот, но тој ме убедуваше дека сум му потребен. Еден натпревар ќе играв, следните пет ќе ме заборавеше, и така цело време во круг. Всушност, како тој е врвен стратег кога има освоено само два или три трофеи во неговата тренерска кариера?!“ истакна Адебајор.

Роберто Манчини во моментот е тренер на рускиот клуб Зенит, кој утревечер во Санкт Петербург ќе го пречека македонскиот првак Вардар во Лигата на Европа.

Се вчитува...