По долги години Динамо Загреб обезбеди европска пролет со пласманот во нокаут фазата од Лигата на Европа.
Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми имаше клучна улога во европскиот успех оваа сезона на „модрите“ па како што вели сака сето тоа да го продолжи и во пролетниот дел. Активно изминатиов период се спомнува трансфер на Адеми оваа зима, но македонскиот фудбалер не е сигурен дека сака да си замине од хрватскиот шампион.
„Би можел да останам во Динамо Загреб до крајот на сезоната. Сакам да играм со мојот клуб во Лигата на Европа и во пролетниот дел. Амбициите за пролетта сега се пораснати и кај нас. Веќе шест месеци сме заедно, а по зимските подготовки може само да бидеме подобри“ – вели Адеми кој беше револтиран од некои случувања на вчерашниот натпревар против Фенербахче кој заврши без голови.
„Голот на Голак беше чист, регуларен. Такво нешто никаде не се суди. Што се однесува до натпреварот, во првото полувреме доминираа, беа побрзи и поагресивни, но во продолжението ние контролиравме и ќе беше заслужено да победевме“ – истакнува Адеми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА