Адеми слави јубилеј: Кој би рекол дека ќе бидам најтрофеен во Динамо Загреб

На денешен ден пред точно десет години Динамо Загреб плати сума од 400.000 евра за да го донесе големиот талент на Шибеник, Аријан Адеми. Тогаш член на младите селекции на Хрватска, овој тинејџер пристигна на „Максимир“ свесен за притисокот што го носи настапот за најтрофејниот хрватски клуб. Сепак, Адеми не само што одговори на тој предизвик, туку и се наметна како еден од клучните фудбалери на „модрите“ во изминатата деценија.

„Се сеќавам на секој момент од тој прв ден на „Максимир“. Имаше еден човек што го сретнав додека чекав трамвај, ме препозна и ми рече: Сега оправдај зошто те доведовме. Моја желба од првиот ден беше да се наметнам и да ја оправдам таа доверба“, се присетува Адеми.

Во овие десет години тој само шест месеци мина на позајмица во Локомотива, извесен период беше во аут поради позитивниот допинг-тест по мечот во ЛШ против Арсенал. Сепак, историјата вели дека ниту еден фудбалер нема толкаво значење врз играта и резултатите на Динамо во последно време како што е тоа случај со Адеми. Единствената сезона во која Динамо не беше првак, 2016/17, македонскиот репрезентативец не беше во тимот поради суспензијата за допинг. Со него во тимот хрватскиот гигант нема испаднато од европските купови пред зима, Динамо само еднаш се нема пласирано во групните фази од ЛШ или ЛЕ, во 2017 година, кога Адеми не беше во екипата.

Бројките кажуваат се – 258 натпревари во дресот на Динамо, со 25 постигнати погодоци и дури 16 освоени пехари, со што македонскиот интернационалец е најтрофеен фудбалер во историјата на Динамо Загреб.

„Кога ќе го слушнам тоа, буквално се ежам. Го знаете оној ходник во соблекувалната во кој се истакнати фотографиите од сите великани што го носеле дресот на Динамо. И од сите нив, јас да сум најтрофеен во клупската историја. Некој да ми го кажеше тоа кога доаѓав пред десет години, ќе му кажев дека е луд“, скромно изјавува Адеми.

Низ годините тој одби бројни понуди и остана лојален на Динамо Загреб. Сега повторно за неговите услуги постои сериозен интерес од клубови од Руија, но без разлика дали тој летово ќе си замине или ќе остане на „Максимир“, за Аријан Адеми дефинитивно секогаш ќе има место на „ѕидот на легенди“ на Динамо Загреб.

Се вчитува...