Адеми за хрватските медиуми: Среќата на народот во Македонија не се опишува, Горан е феноменален а јас да имаше и 1% можност ќе играв со Грузија

Македонија е среќна што во своите редови има извонредно квалитетен фудбалер како Аријан Адеми, но и пред се беспрекорен човек. Македонија и секој поединец во земјава никогаш нема да ги заборават исклучителните негови напори да истрча на теренот во Тбилиси и да биде еден од носителите на патот кон ЕП.

Пристигна повреден во Македонија, но во ниту еден момент, и под инјекции, не размислување дали да се појави на дуелот против Грузија. Сега, по враќањето во Хрватска, повторно е пресреќен за извонредниот успех кој го реализираше со македонската селекција.

„Кога не играв против Истра, а бев најавен, половина Македонија ми се јави да праша што се случува. Такви работи ти даваат дополнителен мотив. Гледаш колку те ценат и те почитуваат и мое беше да им вратам. Имав некои проблеми, ама шансите да играм против Грузија да беа и 1% – јас ќе играв“ – вели Адеми, кој пред шест години ја одбра Македонија за настап во репрезентативниот дрес.

„Сега чувството е феноменално. Вредеше секоја секунда труд да успееме во тоа. Среќата и задоволството на народот во Македонија не може да се опише со зборови. Премногу ми е драго за Македонија и никогаш ниту една секунда не се покајав што ја одбрав оваа репрезентација. Посебно ми е драго и за Горан Пандев. Тој е неверојатен човек кој имаше страшна кариера и знам колку силно сакаше нешто да направи со репрезентацијата. И на крај успеа во тоа, на начин каков што само може да се посака – даде гол за да не однесе на ЕП. Ми се чини дека е како виното – што постар, тоа подобар! Горан е одличен карактер, одличен фудбалер и одлично се согласуваме“ – вели Адеми.

Се вчитува...