Ајдин: Цел е од Шкупи да направиме европски бренд

Со новото раководство и засилен тим ФК Шкупи е на пат да стане европски фудбалски клуб. Досегашните промени во работата на клубот и следните чекори што ги планира управата на ФК Шкупи, ќе придонесат за подигање на стандардите на македонскиот клупски фудбал.

За големиот скок на табелата и забележувањето значајни резултати во натпревари со големи клупски имиња, придонесоа новата сопственичка структура и раководењето со тимот кои интензивно работеа на засилување и зацврстување на играчките капацитети со домашни и странски играчи.

„Изминативе неколку сезони нè уверија дека Шкупи има голем квалитет, капацитет а со тоа и потенцијал за постигнување навистина значајни резултати во меѓународни натпревари. Со цел да го максимизираме тој потенцијал започнавме една интензивна програма со инвестирање во нови играчи и во вредни трансфери, како и во подобрување на условите за тренинг и подготовка на играчите. Играчите се суштината на фудбалот, а наша задача како управа на клубот е да им обезбедиме средства и поле за нивниот потенцијал и талент да дојде до израз. Тоа се случува во ФК Шкупи во изминатиов период и во истата насока ќе продолжиме и понатаму се додека Шкупи не го ставиме во центарот на европските фудбалски имиња”, вели Олгун Ајдин сопственик на ФК Шкупи.

Договорите со двете нови имиња кои ќе бидат дел од ФК Шкупи се веќе потпишани, младинскиот репрезентативец, левокрилен дефанзивец Блертон Шеји од Струга и Томе Китановски од Ѓорче Петров. За следниот период менаџментот на Шкупи најавува и нови трансфери кои се очекува да бидат потпишани пред почетокот на Лигата на конференции, а исто така и за новата сезона 2021/22 се договараат уште нови трансфери на странски фудбалери кои ќе играат во Шкупи.

Една од најзначајните промени со коишто ФК Шкупи ќе придонесе за зголемувањето на спортската култура и засилување на фудбалските потенцијали на државата е формирањето на Академија за млади фудбалери, инвестиција на клубот.

„Академијата за млади фудбалери ќе биде капитална инвестиција, која ќе помогне во препознавање, развој и формирање на идните млади фудбалери. Почетокот на проектот ќе биде наскоро така што новите генерации фудбалери на ФК Шкупи ќе имаат најдобри услови за учење, тренинг и напредување. Веруваме дека овој проект ќе го подигне фудбалот на највисоко ниво во нашата земја, што ќе биде една од најголемите инвестиции во нашите фудбалски академии”, дополнува сопственикот Олгун Ајдин.

Моментално интензивно се работи на целосна реконструкција на стадионот на Шкупи, каде е поставена нова ВИП трибина со капацитет од 1800 гледачи. ФК Шкупи, исто така, како прв клуб во Македонија ќе воспостави систем и ќе започне практика на одржување редовни конференции за медиуми после секој натпревар, со цел информирање на јавноста за случувањата во клубот но и со цел поттикнување на мотивираноста на играчите и подигнување на вербата во успехот на клубот, онака како што практикуваат да работат сите европски фудбалски клубови.

Се вчитува...